Книги

Брошури

Маици

 

Таквим - Исламски календар

 



Текстови

 

(2) Мудри изреки и совети
(Извадок од книгата: ГО СЛУШАМ ШУМОТ, ПРИЈАТЕЛОТ НЕ ГО ГЛЕДАМ)
13.05.2007

Кога Хасан слушнал некого кој проколнувал:
– Боже, уништи ги грешниците, забележал:
– Тогаш ќе се чувствуваме осамени на патот и ќе се намали бројот на оние кои постапуваат според свое наоѓање.
Нашата вера е цврста, а вистината е навистина тешка. Човекот е слаб и немоќен; затоа нека се натовари онолку колку што може да носи. Бидејќи ако се претовари со обврски, треба да се плашиме од лошо расположение и од напуштањето на работите.
Болеста го чисти телото како што Зекатот го чисти имотот. Телото кое не знае за болест е како имот што не се чисти со Зекат: во него нема напредок.
Правилното мислење и побожноста се најдобри дела. Кој ќе го уреди својот живот според нив, сигурно е дека ќе се спаси. Секој друг нека го преиспита своето живеење. Правилното мислење е како огледало во кое се разделуваат добрите од лошите дела. Кој ќе се потпре врз правилното мислење, ќе се спаси, а кој ќе го запостави, ќе пропадне.
Да не постоеше заборавот, ќе се умножеа правниците.
Човекот со име Абан раскажува: „Влегов во џамијата во која го сретнав Хасан. На моето прашање дали го изврши намазот , одговори одречно.
‚Но, чаршијата го изврши намазот,‘ забележав јас. На овие мои зборови Хасан рече:
– Кој ќе ја зема верата од чаршијата?! Ако стоката им оди добро, тогаш го одложуваат извршувањето на намазот, а ако имаат слаба продажба, го извршуваат намазот пред времето за намаз!“
Варди се од три нешта, ќе му го спречиш приодот на ѓаволот:
– никогаш не се осамувај со туѓа жена, па макар и да велиш дека ја подучуваш во Куранот;
– никако не оди кај владетелот, макар и да велиш дека му наредуваш правење добро, а му забрануваш правење зло;
– не седи со иноваторот во верата бидејќи ќе уфрли отров во твоето срце и така ќе ти ја расипе верата.
Барај сласт во три нешта: во намазот, во читањето и разбирањето на Куранот и во спомнувањето на Бога. Ако наоѓаш сласт во тоа, оди и биди радосен! Во спротивно, знај дека твојата врата е затворена, па настојувај да ја отвориш!
Да не постоеја смртта, болеста и немаштијата, човекот никогаш не ќе се покаеше. Бидејќи, дури и покрај овие три нешта, тој е нетрпелив.
Луѓе, се колнам во Алах, ние сме создадени за вечноста, а не за минливоста. Ние само се селиме од куќа во куќа.
Кој го почитува и го фали иноваторот во верата, брз е во уривањето на исламот.
Алаховиот Пратеник Мухамед рекол: „Кога некој го фали грешниот развратник, Возвишениот Алах е лут на него.“
Вардете се од побожниот човек кој е незнајко и од научникот кој е развратник, та тие се големо искушение за секого.
Човеку, не залажувај се со тврдењето дека човекот е со оној што го сака. Нема да бидеш со добротворите сé додека не работиш како нив…
Овој народ ќе биде во добро и под заштита на Возвишениот Алах сé додека добрите во него се милозливи кон злосторниците, додека добротворите не ги величаат развратниците и додека учените не стремат кон управувачите. Меѓутоа, кога ќе стане обратното, Возвишениот Алах од тој народ ќе ја крене својата милост и заштита. Ќе им ги натовари на вратот злосторниците кои ќе ги ставаат на тешки маки. А казната на Возвишениот Алах е уште пожестока, а покрај тоа е и вечна. Возвишениот Алах ќе ја влее страшливоста во нивните срца.
Хасан Басри го видел Неим ибн Ридван како оди горделиво, та рекол:
– Погледнете го овој: на секој дел од телото му се гледа благодатот на Возвишениот Алах, но и проклетството на ѓаволот.
Возвишениот Алах на Судниот Ден ќе ги запраша верниците за сите свои подароци и за секое добро, а неверниците ќе ги казни жестоко, ама праведно.
Чудно ли е како јазиците опишуваат, срцата познаваат, а како делата од тоа се разликуваат!
Кој ќе се впушти во сомнителна работа, нема да има награда за она за што го озборуваат.
Кој сака да знае на што е, нека ги измери своите дела според Куранот, и ќе види што добива а што губи.
Возвишениот Алах ќе му се смилува на човекот кој своите дела ги измерил според Куранот, кој, кога гледа дека се согласуваат со него, му се заблагодарува на Возвишениот Алах и го моли за уште поголем успех. А кога ќе види дека делата му се спротивни на куранското учење, се покајува и настојува да ги усогласи.
Чуден ли е овој човек! Два чувара и придружника никогаш не го оставаат сам. Неговиот јазик им е перо, а плунката – мастило. А тој повторно го говори она што не го засега!
Човеку, сакаш да се спомнуваат твоите добри дела, а мразиш да се прочујат лошите! Го обвинуваш другиот поради сомнение, а несомнено знаеш дека два ангела се задолжени за твоите зборови и дела.
Умниот настојува и дење и ноќе што е можно повеќе да направи добро, бидејќи во неговото срце постои страв дека можеби неговиот Создател и Господар нема да му се смилува.
Има многу пропаднати поради тоа што биле пофалени. Има многумина пропаднати затоа што биле залажани со тоа што кон нив се однесувале добродушно.
Вардете се од пофалбата бидејќи таа е убиство.
Некој бил пофален во присуството на Алаховиот Пратеник и Пратеникот рекол: „Го упропастивте! Бидејќи ако ја слушнеше пофалата, никогаш веќе не ќе се спасеше.“
Најважно е да бидеш свој господар, својот јазик да го држиш врзан и да не им се препушташ на твоите телесни лакомости.
На тврдоглавото животно не му е потребна узда повеќе отколку на твоите страсти.
Човеку, не можеш да го смениш рокот на одредбата, ниту можеш да ја изгубиш својата нафака , а ни да ја земеш нафаката на некој друг! Зошто тогаш мачното напрегање и убивање на душата?!
Најдобра е златната средина.
Човекот постојано се наоѓа меѓу три нешта:
– искушението кое доаѓа,
– благодатта која минува и
– смртта која однесува сé.
Кој не бил ставен на искушение, бил измамен.
Кој се борел против Вистината, изгубил.
Човекот е постојана цел: на искушенијата, несреќите или на смртта.
Човеку, подготви го доброто или нешто друго, но, знај, ќе го најдеш она што си го подготвил. Одложи што сакаш, но знај дека нема враќање назад, иако ќе се молиш да бидеш вратен на овој свет.
Кој ќе го запамети последниот час, нека не го напушта својот дом.
Што е ова: го слушам шумот, пријателот не го гледам!
Кој себеси пред другите се нагрдува – се фали; а тоа е лошо.
Ако не постоеја благородните, земјата ќе се расцепеше; ако не постоеја добрите, ќе страдаше целиот народ; ако не постоеја учените, луѓето ќе беа како животните; ако не постоеше власта, луѓето меѓусебно ќе се уништеа; ако не постоеја слабоумните, светот ќе беше разурнат; ако не постоеше ветерот, сé ќе се збајатуваше и ќе смирисуваше!
Трите најголеми пропасти се:
– водачот кому му се покоруваш и те заведува,
– соседот кој го шири твоето зло, а го сокрива твоето добро и
– сиромаштвото кое задава болки.
Ако кај своето дете го забележиш она што го мразиш, покај се кај Возвишениот Алах и побарај прошка од Него, бидејќи тоа е дел од твојот карактер, односно твојот грев што си го сторил порано.
Кога луѓето го покажуваат своето знаење, а ги забораваат своите дела, кога сакаат на збор а мразат во срцето и кога ги прекинуваат роднинските врски, Возвишениот Алах врз нив фрла проклетство и ги прави глуви и слепи.
Искушението е казна која Возвишениот Алах ја испраќа тогаш кога луѓето грешат од инает.
Луѓето ќе бидат казнети ако не бидат задоволни од Возвишениот Алах, а тоа незадоволство произлегува од нивното целосно непознавање на Возвишениот Алах или од делумното Негово познавање од страна на луѓето.
Заобиколувањето на глупавиот човек е чин на приближување кон Возвишениот Алах.
Дружењето со умните ја зацврстува човековата вера.
Почитувањето на верникот спаѓа во служењето на Возвишениот Алах, а Алаховата помош се добива со борбата против развратот и гревот.
Нека не биде овцата поумна од тебе: неа ја тера повикот а ја враќа погледот.
Сум го слушнал Ебу Бекр ибн Абдилах ел Музни како вели: „Бидете упорни во работењето, а ако ве спречи немоќта, избегнувајте го барем грешењето!“
Алаховиот Пратеник рекол: „На овој свет, на луѓето не им е дадено поголемо добро од цврстото верување и од доброто здравје. Молете го Возвишениот Алах да ви подари цврсто верување и здравје во животот.“
Алаховиот Пратеник навистина кажал голема вистина бидејќи со цврстото уверување во верата се добива Рајот, а се оддалечува од Пеколот. Кој поседува цврсто верување е трпелив во непријатностите и е активен во верските работи. И во здравјето има големо добро.
Верникот не се забавува така што ќе биде небрежен. Тој постојано размислува, та затоа е тажно загрижен.
Оној кого што неговиот намаз нема да го спречи од грдите и лоши дела, го оддалечува од Возвишениот Алах и врз него го навлекува Алаховиот гнев.
Кој внимава на своето дело, тој е како војникот во војна, само што овој последниот има поголема и подобра награда.
Човеку, го сметаш за дозволено она што е забрането, правиш насилство и грев залажувајќи се со пусти надежи дека Возвишениот Алах ќе ти прости! Ти ќе знаеш кој бил грешник оној Ден кога нема да ти помогнат ни имотот ни синовите, туку само чистото срце.
Да не сториш грев е подобро отколку да се покаеш.
Човеку, што ти е! Грешиш и правиш лоши дела, а пред тебе е доброто дело кое исто така можеш да го сториш.
Човеку, варди се од големите гревови, па постојано ќе бидеш во добро. Гревот ќе ти го смени срцето, тоа ќе стане црно и ќе го уништи твоето добро.
Прекрасни биле луѓето на вистината, кога Омеровиот стап бил попочитуван од сабјата на Хаџаџ.
На Судниот ден најмногу ќе бара помош човекот кому Возвишениот Алах му го подарил своето добро и тој со него си помогнал во грешењето кон Него.
Верникот останува секогаш ист, без оглед на времето и на ситуацијата. Тој останува нескршлив во верата, со едно исто лице и на истиот пат. А лицемерот се менува според времето и условите гледајќи ја само својата полза, не срамејќи се да го одбие другиот.
Праксата на верникот ја потврдува вистинитоста на неговите зборови, неговиот јавен живот го потврдува приватниот, а неговово присуство го открива неговото отсуство.
Овие тројца никако не смеат да се озборуваат:
– јавниот развратник – грешник, кога се сака да се укаже на неговата развратност.
– иноваторот во верата, кога се укажува на неговата иновација и
– водачот, властодржецот насилник, кога се предупредува неговото насилство.

Четворица биле вистински реформатори, го обновиле животот и ја поправиле состојбата на луѓето на овој свет, а двајца биле сеачи на сомнеж. Реформатори се:
1. Омер ибн ел Хатаб кој на денот Ес Секифе, на предлогот на Енсариите : „Владетелот нека биде од нас и од вас“, рекол: „О Енсарии! Зар не знаете дека Алаховиот Пратеник рекол дека имамите се од племето Курејш. Освен тоа, вие знаете дека Ебу Бекр ја предводел муслиманската заедница по наредба на Пратеникот? Па тогаш, кој е поважен од него да биде владетел на муслиманите?!“ Енсариите сфатиле што била намерата на Омер, така што Ебу Бекр е избран за халиф. Да не бил Омер во тие мигови решителен и мудар, луѓето би се разединиле и би се поделиле околу изборот на владетел на муслиманите и така ќе останало до судниот ден.
2. Ебу Бекр, кога од муслиманите го побарал мислењето за отпадниците од верата, и кога му советувале да го прифати намазот на одметниците, а нив и нивното одбивање за давање на Зекатот да ги остави на мира, одговорил: „Се колнам во Алах, ако не ми го даваат Зекатот кој го давале за време на Алаховиот Пратеник, навистина ќе поведам војна против нив.“ Да не бил Ебу Бекр толку енергичен луѓето би одбиле да даваат Зекат и така ќе останало до судниот ден.
3. Осман ибн Афан ги соединил муслиманите собирајќи ги околу Куранот кога се заканувала опасноста да се разединат во читањето на некои места во Алаховата книга и, поради поинаквото читање, меѓусебно да се прогласат за неверници. Ако Осман не го сторел тоа и ако не ги собрал сите муслимани околу Куранот, луѓето би се оддалечиле од Вистината сквернавејќи ја Алаховата Книга и така ќе останало до судниот ден.
4. Али ибн Еби Талиб по борбата со населението на Басра, наредил да се раздели воената добивка: Кога некои негови војници со чудење го прашале: „А нам, владетелу на верните, нема ли да ни бидат разделени синовите и жените нивни?!“, Али, решително одбивајќи го нивното барање, мудро прашал: „А во тој случај, кому би му припаднала Ајша, ‚Мајката на верниците‘, Алах нека е задоволен со неа?!“ Од ова може да се изведе добар заклучок: дека заробените деца и жените во судирите меѓу муслиманите не спаѓаат во воен плен и не можат да се делат… Да не постапел Али толку мудро, муслиманите не би знаеле како треба да се постапува со заробените деца и жени во евентуалните конфликти меѓу нив.
А двајцата кои посеале сомнеж и ги упропастиле луѓето се Амр ибн ел Ас и Мугире ибн Шубе.
1. Амр ибн ел Ас, за време на битката на Сифин, му предложил на Муавиј неговите војници да го кренат Куранот на копјата, кога веќе се пред пораз. Така дошло до срамната арбитража чиишто последици ќе ги мачат муслиманите сé до судниот ден.
2. Мугире ибн Шубе почекал неколку дена кога Муавиј му јавил веднаш да дојде. Своето доцнење пред Муавиј го оправдал со зборовите: „Бев започнал една важна работа и не сакав да ја оставам недовршена. Работев на тоа твојот син Језид да дојде како халиф по тебе: “ Слушнувајќи ги тие зборови, Муавиј, сиот радосен, рекол: „Врати се кај жителите на Куфа и доврши го започнатото дело.“ Враќајќи се, Мугире за Муавиј изговарал зборови кои оставиле силен впечаток кај присутните. Благодарение на тоа, тие ги прифатиле потомците на Муавиј за халифи, а исламското раководство така станало наследно.
Да не се случеше ова, муслиманите и понатаму ќе се договараа во врска со изборот на халиф и ќе го избереа оној кој ги има сите потребни квалитети за владетел на муслиманите и така би останало до судниот ден.
Алаховиот Пратеник рекол: „Ќе дојде време кога обезбедувањето за животот ќе може да се направи само со грешење. Кога ќе дојде тоа време, венчавањето ќе биде осудено а неженството дозволено.“
Пред вас постоеле луѓето кои, разделувајќи го сиот свој имот кој бил броен како зрната песок, сé уште стравувале дека тоа нема да им биде примено кај Возвишениот Алах и дека не ќе можат да се спасат. Имено, тие сериозно го сфатиле она на што се.
Запрашан да каже нешто за Али ибн Еби Талиб Хасан одговорил:
– Се колнам во Алах, тој бил вистинската стрела на Алаховите намери. Духовен човек на овој народ на врвот од неговото величие и чест. Бил во мошне блиско роднинство со Алаховиот Пратеник, татко на Хасан и Хусеин (внуците на Алаховиот Пратеник), Алах нека е задоволен со нив, и сопруг на чесната Фатима (ќерката на Пратеникот). Не го зел бесправно Алаховиот имот, ниту некогаш небрежно се однесувал кон некоја одредба на Алах. Кога се работело за Алаховото Право, никогаш не чувствувал здодевност. На Куранот му го придавал значењето кое му припаѓа: според него знаел што му е право, а што должност. Возвишениот Алах нека биде задоволен со него и нека го воздигне високо!

(Поглавје од книгата: ГО СЛУШАМ ШУМОТ, ПРИЈАТЕЛОТ НЕ ГО ГЛЕДАМ)

Хасан Ел-Басри


Последни текстови:
foto
28.10.2011, Амр Халид
Ајети за понизноста
03.08.2009, Проф. д-р Насер Рамадани
ИСЛАМСКИОТ МОРАЛ
03.08.2009, Проф. д-р Насер Рамадани
ОСНОВИТЕ НА ИСЛАМОТ
08.03.2009, Проф. д-р Насер Рамадани
ЕТИЧКИОТ АСПЕКТ ВО ИСЛАМОТ




 

© МакИслам 2024-2025