Книги

Брошури

Маици

 

Таквим - Исламски календар

 



Текстови

 

(3) Корени на овој свет
(Извадок од книгата: ГО СЛУШАМ ШУМОТ, ПРИЈАТЕЛОТ НЕ ГО ГЛЕДАМ)
13.05.2007

Се колнам во Алах, никому не му било дадено добро кое тој не го сметал за искушение, а потоа да не задоцнел во добрите дела: неговата вера била оштрбена, а разумот заматен. А не постои никој кого што Возвишениот Алах го сочувал од овој свет а тој тоа да не го сметал за добро, а исто така да не останал без добро дело и исправно мислење.
Не постои ниту еден муслиман кој бил снабдуван од ден на ден а тоа да не го сметаше за добро, а да не бил немоќен во мислењето.
Сум ги запаметил луѓето кои кон овој свет се однесувале како кон аманет кој им е доверен на чување, па тие на крајот им го вратиле на вистинските сопственици.
Сум ги запаметил луѓето на кои овој свет им се нудел во целосно изобилство, но го одбиле плашејќи се од одговорноста.
Се колнам во Алах, ниту еден човек не го добил овој свет без да ги изгуби достоинството и верата.
Не му се чудам никому, како на човекот кој мисли дека вљубеноста во овој свет не спаѓа во големите гревови. Се колнам во Бога, да се сака овој свет спаѓа во најголемите гревови! А зар сите други гревови не се изродиле од овој свет?! Зар не се обожуваат статуите и зар не се греши кон Милостивиот само затоа што овој свет премногу се љуби и затоа што му се робува повеќе отколку на што и да е друго?!
На судниот ден луѓето ќе бидат оживеани голи, освен оние кои се воздржувале од овој свет.
Се колнам во Алах, никој нема да го возвиши динарот а Возвишениот Алах да не го понижи на Судниот Ден! Кога се исковани динарот и дирхемот, Иблис, кој е проколнат за сите времиња, ги ставил на главата и едниот и другиот, велејќи: „Оној кој ќе ве сака е мој вистински роб кого ќе можам да го вртам каде што ќе посакам. Кога луѓето ќе го засакаат овој свет, тогаш нема да ме загрижува дали ќе ги обожуваат статуите и дали ќе земат друго божество за свој Господар. Бидејќи нив љубовта кон овој свет ќе ги одведе во најголема пропаст.“
Сме ги виделе оние кои, работејќи за оној свет, го имале и овој, но не сме виделе дека кој било, работејќи за овој, го има и оној свет.
Возвишениот Алах му ги дава на човекот светските добра препуштајќи го на самоизмама, а го лишува од нив од обѕир кон него.
Верникот не е предодреден само за животот на овој свет.
Иса (Исус) рекол: „Овој свет е нива на Иблис која му обработуваат оние кои живеат на неа.“
Кој Го запознал Создателот и Господарот свој, Го засакал и му дал предност на она што е во Него.
Кој го спознал овој свет и неговата измама – го напуштил.
На прашањето дали Возвишениот Алах може да се види со очите уште на овој свет, Хасан одговорил негативно. А на прашањето дали тоа ќе биде можно на оној свет, дал потврден одговор. На прашањето зошто е тоа така, одговорил:
– Бидејќи овој свет е минлив и сé што е во него минливо е. Оној свет е вечен и вечно е сé што е негово. Освен тоа, невозможно е вечното да се разбере со она што е минливо, она што е отсекогаш со она што станува. А на судниот ден Возвишениот Алах на Своите робови ќе им подари од изобилството на Својата добрина и ќе им подари вечен вид со кој ќе можат да го гледаат.
Омер ибн ел Хатаб влегол кај Алаховиот Пратеник и го нашол на легло од палмино лико. На страната на која лежел се гледала трага од јажиња. Гледајќи го во таква ситуација, Омер заплакал а Алаховиот Пратеник го прашал: „Зошто плачеш, сине на Хатаб?“
„Како да не плачам, Алахов Пратенику?! Се сетив на византиските кралеви и на персиските царови и на нивните уживања. Ти си Алахов Пратеник, миленик и избраник, а сепак спиеш на постела исплетена од јажиња!“
„А зар не си задоволен со тоа тие да го имаат овој, а ние оној свет?“ прашал Пратеникот.
„Задоволен сум, Алахов Пратенику.“ одговорил Омер.
„Јас на овој свет сум како коњаникот кој јава во летниот ден и одеднаш здогледува дрво со дебела сенка. Тој навраќа и за миг се одмора, а потоа станува и ја напушта сенката“, мирно додал Пратеникот.
Алаховиот Пратеник живеел обичен живот, мошне скромно и едноставно; јавал магаре, носел облека од грубо сукно, јадел седејќи на земјата, а често повторувал: „Јас сум само човек, јадам како што јаде обичниот човек.“
На каменот останало запишано: „Човеку, кога би го видел она малку што ти останало од твојот живот, сите свои желби веднаш би ги напуштил настојувајќи да сториш што е можно повеќе добро. Така би ги оставил лакомоста и лукавството од стравот од каењето кое ќе дојде утре‚ „кога нозете ќе се лизгаат, семејството ќе те предаде, ближниот ќе се одрече од тебе, пријателот ќе те заборави, кога ќе викаш напомош, а никој нема да ти одговори.“
Учените меѓу незнајковците се како лекарите меѓу болните.
Сум го слушнал Хаџаџ како им вели на жителите на Басра: „Мудриот Алах определил овој свет да биде минлив, а оној да трае вечно. Она што е направено вечно нема да исчезне, ниту ќе биде без крај она што има крај. Затоа никако да не ве залажува тоа што овој свет е, а оној уште не е, и нека надевањата ви бидат соодветни на кусотрајноста на животот на овој свет!“
– Чудо ли големо! Како можел Хаџаџ да го разбере тоа што го спознал, а сепак да се оддалечи од Вистината!

(Поглавје од книгата: ГО СЛУШАМ ШУМОТ, ПРИЈАТЕЛОТ НЕ ГО ГЛЕДАМ)

Хасан Ел-Басри


Последни текстови:
foto
28.10.2011, Амр Халид
Ајети за понизноста
03.08.2009, Проф. д-р Насер Рамадани
ИСЛАМСКИОТ МОРАЛ
03.08.2009, Проф. д-р Насер Рамадани
ОСНОВИТЕ НА ИСЛАМОТ
08.03.2009, Проф. д-р Насер Рамадани
ЕТИЧКИОТ АСПЕКТ ВО ИСЛАМОТ




 

© МакИслам 2024-2025