Книги

Брошури

Маици

 

Таквим - Исламски календар

 



Текстови

 

(5) Учење на Куран
(Извадок од книгата: ГО СЛУШАМ ШУМОТ, ПРИЈАТЕЛОТ НЕ ГО ГЛЕДАМ)
13.05.2007

Забележано е дека Омер ибн ел Хатаб рекол: „О луѓе, читајте го Куранот барајќи го она што е кај Возвишениот Алах пред луѓето да го читаат барајќи го она што е кај луѓето.“
Кога човекот го бара знаењето на Куранот и знаењето, воопшто, во име на Возвишениот Алах, тоа мора да се гледа во неговото верување, потиштеност, побожност, благост и скромност.
Куранот е лек за верниците и водач на побожните. Кој ќе се упати според него – упатен е, а кој го отфрлил Куранот – пропаднал.
Луѓето кои го читаат Куранот а не постапуваат според него, се најлошите луѓе. Поради тоа што не го следат патот на Куранот, Алах врз нив го фрлил проклетството, а ги проколнуваат и сите други на кои тоа им е задача.
Пред вас луѓето го читале Куранот и се задржувале врз одделно поглавје по цела ноќ. Тоа се гледало наутро на нивните лица. Денес, кога го читате Куранот вие воопшто не размислувате за неговите пораки иако знаете дека Возвишениот Алах за Куранот рекол: „Книгата што Ние ти ја објавивме е – благословена, за да размислуваат за зборобите нејзини и за да се сеќаваат оние со дадениот им разум.“ (Куран, 38:29). Се колнам во Алах, не спаѓа во читањето на Куранот и во неговото чување само правилното изговарање на неговите букви не чувајќи ги границите кои ги воспоставил тој. Вие велите: „Го проучивме Куранот и не оставивме ниедна буква.“ Кој зборува така – лаже. Се колнам во Алах, тој целиот го оставил! Се колнам во Алах, Оние кои читаат така не се ни учени, а ни мудри! Кога читателите на Куранот зборуваат за духот на Алаховите зборови: „Ние, навистина, ќе ти објавиме тежок говор…“ (Куран, 73:5) каде се подразбира работење и постапување според Куранот и во духот на Алаховите зборови: „Па, кога ќе го читаме, следи го читањето негово!“ (Куран, 75:18), односно, одобрувај го она што Куранот го одобрува, а забранувај го она што го забранува.
Има три вида читатели на Куранот:
Едните го земаат за трговија купувајќи го со него она што е кај луѓето;
Другите, пак, го учат правилно изговарајќи ги неговите букви, но не ги почитуваат неговите граници. Тие со читањето на Куранот ги грабаат парите на намесниците и добиваат привилегирана позиција меѓу луѓето. Денес нивниот број се умножил, Алах нека ги збрише од земјата;
Третите го читаат Куранот длабоко размислувајќи за неговите пораки. Куранот е лек за нив.
Хасан Басри ги проучил Алаховите зборови: „И Тој е Оној кој ја создаде ноќта и денот да се сменуваат, за оној кој посакува да се споменува или кој, пак, посакува да се заблагодарува.“ (Куран, 25:62) и рекол:
– Субханалах! Колку е неограничена милоста на Алах, Неговата добрина пространа, а Неговото дело прекрасно! Возвишениот Алах му ја дал ноќта на оној кој не можел сé да заврши во текот на денот, а денот на оној кого ноќта го измамила.
Проучил: „И се исполни убавиот збор на Господарот твој за децата Израилови, зашто беа трпеливи. И Ние го израмнивме со земја она што го градеше фараонот и народот негов и она што го ѕидаа.“ (Куран, 7:137), и рекол:
– Чуден ли е човекот што верува во овој ајет, а сепак се плаши од владетелот или од насилникот! Се колнам во Алах, кога луѓето би издржале во искушенијата на кои се ставени, како што бара Возвишениот Алах од нив, Тој сигурно би ги спасил од тоа. Но, тие се плашат од сабјата и целосно му се предаваат на стравот. Го молиме Возвишениот Алах да нé спаси и да нé сочува од тешките искушенија.
Го проучил ајетот: „Пламен ќе ги спржи по лицата нивни и во Пеколот ќе бидат обезличени…“ (Куран, 23:104) и рекол:
– О робови Алахови, колку е страшна и стравотна оваа глетка, па настојувајте да ја избегнете!
Проучил: „…Кон Него се извишува убавиот збор. И доброто дело Тој го крева.“ (Куран, 35:10) и рекол:
– Кога човекот ќе каже убав збор и ќе стори добро дело, Возвишениот Алах го прима убавиот збор со неговото добро. А кога ќе каже убав збор, а ќе стори лошо дело, Возвишениот Алах, поради лошото дело кое го сторил, го одбива и неговиот убав збор.
Проучил: „Ним ќе им се пристори на Денот кога ќе го видат ветеното им, дека останаа само еден час од денот – ова е само известување – па, ќе биде уништен само народот расипнички!“ (Куран, 46:35) и рекол:
– Се колнам во Алах, вистина е дека сигурно ќе бидат уништени само оние кои биле расипници, оние кои на недозволен начин го добивале овој свет, а потоа брзо го растуриле задоволувајќи ги лакомостите на своето тело. Ќе знаат тие во каква пропаст дошле!
Проучил: „Маките смртни ќе дојдат, навистина! Од тоа, ете, не можеш да побегнеш!“ (Куран, 50:19) и рекол:
– Човекот е разуздан на Земјата; кога смртта ќе дојде, тој ќе бега каде да го водат нозете, но нема да може да избега.
Проучил: „На денот кога ќе го здогледаат, ќе им се пристори дека само една вечер или едно утро останаа.“ (Куран, 79:46) и рекол:
– Човеку! Зар не си можел да се стрпиш од гревот колку што е меѓу вечерта и утрото?!
Проучил: „Оние кои дојдоа по нив, зборуваат: ‚Господару наш, прости ни, нам и на браќата наши и на оние кои ни претходеа во верувањето, а срцата наши, пак, сочувај ги од злоба кон оние кои веруваат. Господару наш, Ти си, навистина, Сочувствителен и Сомилосен!‘“ (Куран, 59:10) и „А оние кои, кога трошат, не го прават тоа неумерено и кои, исто така, не се скржави, туку заземаат средина.“ (Куран, 25:67) и рекол:
– Возвишениот Алах нека му се смилува на човекот кој заработува на дозволен начин и умерено дели од заработеното испраќајќи го така пред себе доброто кое ќе му биде најпотребно на Судниот Ден, кога ништо друго нема да има! Затоа, Алах да ви се смилува, делете го вишокот од вашиот имот таму каде определиле Алах и Неговиот Пратеник, бидејќи оние пред вас се задоволувале со малку, а со своите добра ги откупувале своите животи од Возвишениот Алах.
Кога проучил: „…и кои даваат од даденото им, а срцата нивни се исполнети со трепет од тоа дека, навистина, ќе Му се вратат на Господарот свој...“ (Куран, 23:60) и рекол:
– Тие ја прават добродетелта и делат од своето што им е дадено испраќајќи ги така пред себе добрите дела, ама тие се полни со страв дека тоа нема да може да ги спаси од Алаховата казна.
Проучил: „Ние го создадовме човекот, секако, да се труди.“ (Куран, 90:4) и рекол:
– Тешко на човекот! Алах не создал ниедно друго суштество да го страда во животот она што го страда човекот.
Проучил: „…и Ние ќе му дадеме, сигурно, добар живот, и ќе ги наградиме, сигурно, со награда уште поубава од она што го работеа.“ (Куран, 16:97) и рекол:
– Ќе им подариме покорност чија сласт ќе ја почувствуваат во своето срце. Ќе им дадеме обезбедување поради кое нема да ги казниме. Се колнам во Алах, целиот човечки живот е горчлив освен животот во Рајот.
Проучил: „И прашај ги за градот кој беше сместен крај море…“ (Куран, 7:163) и рекол:
– Станува збор за рибите кои Возвишениот Алах на неговите жителите им забранил да ги ловат во еден дел од седмицата. Тие риби им доаѓале во изобилство токму во забранетиот ден како искушение и проверка на нивната послушност. Тие се двоумеле дали и тој ден да ловат. Сепак се воздржале поради стравот од казната или поради побожноста. Меѓутоа, ретко се случува човекот да не падне во грев за кој ќе почне да се двоуми. Затоа и тие решиле да ловат и во забранетиот ден и ја јаделе таа риба. Се колнам во Алах, тоа им била најлошата храна која ја јаделе и која желудникот не можел лесно да ја свари. И една ноќ, додека спиеле, биле повикани три пати. Четвртиот пат им било речено: „О жители на градот!“ На тој повик сите се разбудиле: и мажите, и жените и децата. И им беше кажано: „Бидете мајмуни презрени!“ (Куран, 7:166) и тие постанаа тоа.
Се колнам во Алах, светоста на верникот кој е убиен на неправеден начин кај Возвишениот Алах е поголема од светоста на рибата што ја забранил за лов и за јадење, но тој го одложил рокот за тоа до крајот на светот, а крајот „…е и потежок и пострашен!“ (Куран, 44:46)
Проучил: „Тоа ќе биде, навистина, само еден глас, и одеднаш сé ќе прогледаат…“ (Куран, 37:19 ) и рекол:
– Луѓе, тоа ќе биде повик од гнев и кој вистински му робува на Алах, нека се варди од лутината Негова!
Проучил: „Еве, ова е Пеколот кој го сметаа за лажен силниците! Меѓу него и водата што врие ќе се движат…“ (Куран, 55:43, 44) и рекол:
– Луѓе! Што мислите за оние кои цел ден, долг педесет илјади години, стоеле и чекале да им биде пресудено и кога вратовите им се испокршиле од жед, глад и страв, Возвишениот Алах наредил, та се фрлени во пеколниот оган и во водата што врие?!
Боже мој, само Ти даваш заштита и во тебе е засолништето вистинско! Кај Тебе е прибежиштето и само во Тебе може да се има надеж! Спаси нé, со Твојата милост Те молиме, од казната што ја даваш, о Ти кој многу простуваш!
Проучил: „кои се во намазите нивни потиштени…“ (Куран, 23:2) и рекол:
– Возвишениот Алах ќе им се смилува на оние кои во срцата биле потиштени, кои своите погледи ги соборувале и ги варделе половите органи, на оние кои ги избегнувале забраните и го постигнале она што може да се постигне.
Бил запрашан за зборовите на Возвишениот Алах: „Кој ќе дојде со добро, му припаѓа десетократна награда, а кој ќе дојде со зло, му припаѓа казна еднаква на тоа. Не ќе бидат, всушност, оштетени.“ (Куран, 6:160) и одговорил:
– Кој ќе дојде со Ла илахе илалаху вахдеху ла шерике леху ве енне Мухам-меден абдуху ве ресулуху (т.е. Нема Бог освен Алах, Единствениот, Кој нема придружник, а Мухамед е Негов роб и пратеник), искрено, од срце, кај Возвишениот Алах ќе го има Рајот како награда.
Проучил: „Наградата за добротворството е само добротворството, зар не?“ (Куран, 55:60) и рекол:
– Наградата за оној што вели „Ла илахе илалах – Нема Бог освен Алах!“ – е Рајот.
Проучил: „…за Денот во кој човекот ќе го гледа она што го направија рацете негови…“ (Куран, 78:40) и рекол:
– Станува збор за верникот кој е умен, остроумен и внимателен, кој знае дека му претстои средба со Возвишениот Алах, па за таа средба испраќа добри дела кои, кога ќе ги најде, ќе го израдуваат. Таа средба ќе биде на Денот кога неверникот ќе извика: „О тешко мене! Само земја да станев!“ (Куран, 78:40)
Проучил: „Но, не! А она што го спечалија веќе ги покри срцата нивни.“ (Куран, 83:14) и рекол:
– Тоа е грев врз грев додека срцето не стане црно и мртво.
Проучил: „Не мурти се, што ти се чини многу!“ (Куран, 74:6) и рекол:
– Не сметај дека правиш многу (добри) дела, бидејќи ти не знаеш што ќе биде примено од тоа, а што ќе биде отфрлено!
Проучил: „Натпреварот во заработувачка ве упропасти, сé додека не заминете од овој свет!“ (Куран, 102:1-2) и рекол:
– „Ние сме, навистина, Алахови и Нему ќе му се вратиме!“ (Куран, 2:156) Зафатени сме со сето ова, се колнам во Алах, така што не се сеќаваме на вечниот оган, а ни на вечното уживање. „Но, не! Ќе узнаете подоцна. И повторно велам: Ќе узнаете подоцна!“ (Куран, 102:3-4) О луѓе, да ви се заканеше некој со смрт, вие никаде не ќе се смиревте. А ова ви е ветување на Алах „На Оној кој никогаш нема да умре“!

(Поглавје од книгата: ГО СЛУШАМ ШУМОТ, ПРИЈАТЕЛОТ НЕ ГО ГЛЕДАМ)

Хасан Ел-Басри


Последни текстови:
foto
28.10.2011, Амр Халид
Ајети за понизноста
03.08.2009, Проф. д-р Насер Рамадани
ИСЛАМСКИОТ МОРАЛ
03.08.2009, Проф. д-р Насер Рамадани
ОСНОВИТЕ НА ИСЛАМОТ
08.03.2009, Проф. д-р Насер Рамадани
ЕТИЧКИОТ АСПЕКТ ВО ИСЛАМОТ




 

© МакИслам 2024-2025