Книги

Брошури

Маици

 

Таквим - Исламски календар

 



Текстови

 

(7) Совети и мудри изреки
(Извадок од книгата: ГО СЛУШАМ ШУМОТ, ПРИЈАТЕЛОТ НЕ ГО ГЛЕДАМ)
13.05.2007

Проповедач е оној кој на луѓето им проповеда со своите дела, а не само со зборови.
Сум слушнал дека еден од добрите луѓе дал завет дека никогаш повеќе нема да се насмее додека не открие каде му е местото: во Рајот или во Пеколот. И не се насмеал до својата смрт.
Минувајќи покрај еден човек што гласно се смеел, Хасан го прашал:
– Синко мој, го остави ли зад себе мостот Сират ? Чуму толкава смеа, Алах нека ти се смилува?! Знај дека работата е сериозна до крајот!
Се зборува дека овој никогаш не се насмеал потоа.
О луѓе, Возвишениот Алах го направил месецот рамазан за месец на натпревар на своите робови во покорност кон Него и во правење добри дела. Само така може да се придобие Алаховата милост. Натпреварувајте се во доброто и ќе влезете во Рајот! Оние што се натпреварувале во доброто – успеале, а оние што не го правеле тоа – изгубиле. Чудно ли е како човекот се смее на денот кога успеале оние кои правеле добро, а изгубиле безделниците. Се колнам во Алах, кога би се кренало пердето, ти би видел дека добротворот е зафатен во своето добро, а грешникот е зафатен со својот грев! Не би успеале ни алиштата да ги сменат, ниту косата да ја суредат. Ако сте сигурни дека вашиот труд е примен кај Возвишениот Алах, а вашите дела прифатени, така (со смеа) не се заблагодаруваат благодарните, а ако во тоа не сте цврсто уверени, та така не постапуваат оние кои се плашат за себе.
Човеку, намали ја твојата смеа, бидејќи претераното смеење го замрзнува и го умртвува срцето, ја однесува вистинската радост, ја намалува храброста и угледниот го прави понижен.
Возвишениот Алах му објавил на Иса (Исус): „О Иса, искапи ги очите во солзи кога ќе видиш дека небрежните се смеат!“
Алахови робови, Алах не им определил на вашите дела друг рок освен смртта. Затоа постојано работете. Тој вели: „И обожувај Го Господарот твој сé додека не ти дојде смртта!“ (Куран, 15:99)
Сум видел седумдесет учесници во битката на Бедр. Ако ги видевте, ќе речевте: „Лудаци!“. А ако го видеа тие вашето најдобро, ќе речеа: „Овие немаат никакви добра!“.
А ако го видеа вашето најлошо, ќе заклучеа: „Овие не веруваат во денот на сведувањето на сметките!“
Алах нека му се смилува на човекот кој гледа и размислува, а кога размислува, зема поука и кој кога ја зема поуката учи, и учејќи, се воздржува! Бидејќи постоеле луѓе кои учеле, но кога научиле не можеле да се воздржат и стравот ги разорил нивните срца и не го постигнале она што го барале, ниту можеле да му се вратат на она што го оставиле. Така ги изгубиле и овој и оној свет. А тоа е најголемата загуба!
Луѓе, јас ви давам совет, а не сум подобар од вас, ниту, пак, во животот постапувам поправилно од вас. И јас правам насилство самиот врз себеси бидејќи не владеам со своите страсти, ниту ги принудувам на извршување на должностите кон неговиот Создател и Господар. Но, кога верникот не би му давал совети на друг верник додека не се уреди себеси, би исчезнале упатувачите, би се намалил бројот на оние што забележуваат и не би останал никој кој би повикувал кон Возвишениот Алах и кој во човечките срца би ја изнасилувал љубовта кон Него. А ни гревот никој не би го спречувал. Меѓутоа, животот се состои во другарувањето со учените и со познавачите и во меѓусебното предупредување. За побожните, во тоа е животот. Затоа присуствувајте во седенките на кои се слуша предупредувањето и вардете ги седенките за да може секогаш да се слуша зборот на предупредувањето. И плашете се од Возвишениот Алах онака како што е наредено! „И умрете само како муслимани!“ (Куран, 3:102)
О луѓе, сте осамнале, и времето до определениот рок ви се скратило, а можноста за вашето дело се намалила. Смртта е над вас, а Пеколот уште повеќе ви се приближил.
Луѓе, вие имате само една душа на која, ако се спаси од казната Алахова, нема да й штети пропаста на другите души, а ако пропадне, нема ништо да й биде полезно тоа што другите се спасиле. Затоа, вардете се од одолжувањето во добрите дела бидејќи тоа уништило мнозина од вас. Вие не знаете кога ќе отпатувате, ниту знаете кон што одите. Алах да му се смилува на секој што работи за овој свет пред да го потроши она што му го дал!
Луѓе, Возвишениот Алах ви прострел празна страница и за секој од вас поставил два ангела, по еден од десната и од левата страна, на кои им диктира; кому сака му дава малку, а кому сака му дава во изобилие: „Ни мало ни големо во неа не е изземено, сé е изброено. И ќе го најдат подготвено она што го работеа. И Господарот твој неправда не ќе стори никому.“ (Куран, 18:49)
Човеку, варди се од самоизмамата бидејќи ти сé уште не си сигурен дека си се спасил од Алаховата казна; пред тебе се најголемиот страв и страшниот настан. Во гробот под глава ќе си го ставиш она што за себе си го подготвил. Ако биде добро, ќе ти биде добро, а ако биде лошо и лошо ќе ти биде. Затоа работи и не одложувај го она што е добро! Подготвувај се додека има време! Варди се од одложувањето. Ти сигурно ќе бидеш прашан и што е можно порано подготви ги вистинските одговори!
Човеку, верникот го фаќаат мугрите во постојан страв, иако е добротвор, а како верник не може да биде поинаков. А го фаќа мрак во стравот, иако е добротвор, бидејќи како патник не може да биде поинаков. Тој е постојано меѓу два страва: стравот од гревот кој го сторил, та не знае што ќе стори Возвишениот Алах со него и стравот од смртта која ќе дојде а тој не знае во каква состојба ќе го најде и на какви искушенија ќе го стави Возвишениот Алах.
Кога на Алаховиот Пратеник му било објавено: „Кој ќе направи зло ќе се казни и не ќе најде, освен Алах, ни заштитник ни поддржувач.“ (Куран, 4:123), Ебу Бекр рекол: „Се колнам во Алах, објавен е смртоносниот удар“. Та кога тој вели така, а нему му е гарантиран Рајот, што да речат другите?! Примете ја поуката, о верни, и бидете постојано претпазливи за да се спасите од казната на големиот ден!
Возвишениот Алах нека му се смилува на човекот кој размислува и ја прима поуката, кој внимателно набљудува и нештата добро ги согледува и на својата душа й ги ограничува страстите!
Човеку, Возвишениот Алах заповедал само Нему, и на никој друг, да му се биде покорен и понизен. Возвишениот Алах му помага на човекот кој сака да биде покорен. Тој го забранил грешењето и го направил човекот независен од гревот. Тој никому кој не сака да греши не му ги проширил границите на грешењето. Се пренесува дека на судниот ден Возвишениот Алах ќе му рече на Адем (Адам): „Адеме, ти си денес сведок меѓу Мене и твоето потомство. Чие добро ќе го надмине неговото зло колку една трошка, ќе влезе во Рајот, така да се види дека Јас ги казнувам само насилниците.“
Во Пеколот нема ниедна пукнатина, синџир или оков а на нив да не е втиснато името на казненикот и со што ќе биде казнет. Што мислите, о луѓе, ако сето тоа се најде кај еден човек?! Плашете се од Алах и вардете се од Неговата одбивност кон вас. „Кога би знаеле - омразата Алахова е поголема“.
Да го запаметеше некој од вас она што јас го запаметив и да ја видеше првата генерација на муслиманите, добрата генерација, навистина до крајот би бил загрижен, бидејќи би се уверил дека сериозниот меѓу вас е како несериозниот меѓу нив, а прилежниот ваш како оној меѓу нив кој воопшто не се трудел. Да бев јас задоволен со себеси, сé уште би ви го давал овој совет, но Алах знае дека не сум задоволен со себеси и затоа не ми е мило на друг да му давам совет.
О луѓе, Возвишениот Алах има свои избрани робови. Тие се како оној што ги видел жителите на Рајот како уживаат, а жителите на Пеколот како страдаат. Тие работат настојувајќи да го добијат уживањето што го виделе, а што е можно повеќе да се оддалечат од Пеколот, чијшто оган ќе ги пече грешниците. Тие во срцето се тажни. Тие нема да направат ништо лошо бидејќи душите им се невини, а потребите незначителни. Тие малку се стрпиле и ја добиле вечноста. Цели ноќи поминуваат во обожувањето и во молењето на Создателот и Господарот свој, брзаат да се ослободат од другото ропство и леат солзи мислејќи на Возвишениот Алах. Тие имаат трпеливи срца. Во текот на денот се благи, учени, побожни и сокриени и оној што не е упатен во нивната работа мисли дека се имашливи поради скромноста, а поради стравот мислат дека се болни а тие, всушност, не се болни, туку се присеќаваат на Пеколот и го носат стравот во своите срца. Се колнам во Алах, тие повеќе се воздржуваат над она што Возвишениот Алах им го дозволил отколку што вие се воздржувате од она што ви го забранил. Во своето срце ја познаваат својата вера подобро отколку што вие со вашите очи го гледате овој свет. Тие навистина повеќе се плашат доброто дело да не им биде примено отколку што вие се плашите од казната за лошите дела што ги правите. „Ете, тоа се приврзаниците на Алах. Да, приврзаниците на Алах, навистина, се оние што победуваат!“ (Куран, 58:22)
Човеку, воопшто нека не те залажуваат лутите ѕверки околу тебе: синот твој, жената твоја, слугата твој и наследниците твои! Синот е како лав кој по секоја цена сака да го оттргне она што е во твои раце. Жената е како кучка која лае и мавта со опашката. Слугата, поткрадувајќи те, е како лисица. А на наследниците, се колнам во Алах, помил им е дирхемот кој по твојата смрт ќе им падне в раце, од секое твое добро, па дури и да си ослободил роб. Варди се себеси да не се натовариш со гревови во настојувањето ним да им биде добро. Ти меѓу нив остануваш малку време, а кога ќе те стават в гроб и кога ќе те остават сам, ќе ги обојат алиштата со жолто и ќе почнат да удираат во дајриња и изнасилено ќе се смеат додека ти ќе бидеш прашуван дури и за она што зад себе си им го оставил. Затоа навреме подготви се за „Денот кога душата пред себе ќе си го најде доброто што го спечалила и злото што го спечалила; ќе посака меѓу нив и него да има далечина голема. Алах ве опоменува за Себе. Алах е Сочувствителен кон робовите Свои!“ (Куран, 3:30)
Луѓе, кога некој од вас ќе го предупреди и на нешто ќе го посоветува својот другар, тој го прима предупредувањето и советот. А што е со оној кого Алах го предупредува и го советува, а тој повторно како да не е предупреден?! Возвишениот Алах вели: „Па, сигурни ли се во казната Алахова? Во казната Алахова сигурни се луѓето поразени!“ (Куран, 7:99)
Зар не му се чудите на оној кој само се забавува, зборува беспотребно и во сé е небрежен, додека тој, всушност, оди кон Рајот или кон Пеколот, бидејќи не знае каде му е местото?!
Се пренесува дека Алаховиот Пратеник рекол: „Алах навистина презира да си играте додека сте во намаз и, додека постите, да направите нешто што го расипува постот и ја презира смеата на гробиштата.“
Возвишен е Оној кој дозволил срцата на оние што ја вкусиле сласта на целосната предаденост Нему и уживањето низ постојаното спомнување на Неговото име, Оној кој нивните срца со Себе ги преокупирал, та ништо не им е послатко отколку Него да го привикуват и ништо не им е порадосно отколку Нему да му служат, на нивните јазици ништо не им е полесно отколку Него да го спомнуваат! „Славен е Тој и Возвишен, над она што го зборуваат (политеистите), со височина голема!“ (Куран, 17:43)
Забележено е дека Омер ибн ел Хатаб го разгорувал огнот и, приближувајќи си ја раката, говорел: „Пробај сине Ел Хатабов, можеш ли да издржиш на пеколниот оган!“ А потоа му се обратил на Возвишениот Алах со молба да го зачува од Пеколот и од работите на оние што работат за Пеколот. И кога Омер ибн ел Хатаб како човек кому му е ветен Рајот толку стравувал, како можете вие, о луѓе, да бидете толку сигурни во спасението?!
Секој ден што доаѓа на човекот му вели:
„Човеку, јас сум новиот ден и ќе сведочам за она што ќе го сториш во мене. Кога еднаш ќе отидам од тебе, никогаш повеќе нема да се вратам. Затоа, подготви што сакаш, но, знај, ќе го најдеш само она што самиот си го подготвил, а изостави што сакаш, но знај дека никогаш повеќе нема да се вратиш на тоа.“
Човеку, твојот ден е твој гостин кој ќе те остави, па или ќе ти се заблагодари или ќе те куди. Исто така и ноќта.
Човеку, оние што те почитуваат го прават тоа затоа што душата е во твоето тело. А кога душата ќе замине од телото, тие ќе те остават и кога, по некој случај, таков би бил ставен пред нив, би се разбегале од тебе како од лав.
Вреднувајте ги луѓето според делата, а не според нивните зборови, бидејќи Возвишениот Алах не дал ниеден збор а да не му определил дело како потврда. Самото дело ја потврдува или ја побива вистинитоста на нечии зборови. Па кога ќе чуеш убав говор, полека со оној што зборува, бидејќи ако своите зборови ги потврди со дело, тој е прекрасен човек. А ако делото ќе се разликува од зборовите, варди се во сé да му бидеш сличен, бидејќи така се залажуваат несреќниците.
Човеку, дадени ти се зборот и делото, но делото е поважно од зборот. Имаш јавен и приватен живот, но приватниот живот ти е поважен од јавниот. Имаш чин и последици, но знај, последицата е поважна од миговниот чин.
Човеку, зар не знаеш дека Возвишениот Алах рекол: „Кон него се извишува убавиот збор. И доброто дело Тој го крева. А оние кои сплеткарат, правејќи лоши дела, ќе имаат казна жестока. Сплеткарењето нивно е безуспешно!“ (Куран, 35:10)
Погледнете како на убавиот збор му е потребно добро дело; затоа работете правејќи добра и ќе имате крај со кој Алах е задоволен и вие ќе бидете задоволни!
Ничие око нема да биде искапено во солзи од стравопочит кон Возвишениот Алах а телото да не му биде спасено од Пеколот.
Лицето кое ќе биде облеано со солзи од сеќавањето на Возвишениот Алах нема да го погоди никаква оскудица, ниту ќе го снајде понижување.
Секое дело може да се измери и според него да се определи награда, освен солзата пролеана од стравопочит кон Возвишениот Алах. Затоа, таа од пеколниот оган ќе олесни онолку колку ќе сака Тој. Кога само еден човек искрено би заплакал пред Алах, јас би се понадевал дека поради неговиот плач Возвишениот Алах ќе се смилува на сиот негов народ.
Возвишениот Алах не условил друга цена за знаењето кое му го подарил на човекот освен онаа која ја зема само добивањето на знаењето. Та кој ќе научи нешто во име на Алах барајќи го со тоа она што е кај Него, тој е на добивка. А кој учи во нечие друго име, нема да ја постигне целта, ниту добиеното знаење ќе го одведе кај Алах.
Беден ли е човекот, и немоќен! Сокриени му се причините и не знае кога смртта ќе дојде. Тафтабитата го вознемирува, а загрцнувањето го убива. Секој ден минува етапа кон оној свет и го напушта живеалиштето на овој свет. А можеби покрај тоа ќе се осили и ќе стане горделив, та ќе изврши насилство и ќе покаже дрскост.
О луѓе, работете и подгответе се за денот на смртта и „…Алах ќе ги види делата ваши, а и пратеникот Негов. Потоа ќе се вратите кај Познавачот на тајното и видливото, па ќе ве извести за она што го правевте.“ (Куран, 9:94)
О луѓе, искористете го здравјето и слободното време правејќи добри дела пред да дојде „…денот во кој очите ќе се скаменат, отворени; и дека ќе трчаат преплашени, со кренати глави, очите ококорени а срцата празни.“ (Куран, 14:42,43)
Човеку, во никој случај не се плаши од оној кој ја има власта на земјата, бидејќи и тој е роб на твојот Создател и Господар! Не биди лаком кон имотот на оној што го има, бидејќи и тој го јаде само снабдувањето од твојот Господар и Создател! Никогаш не завидувај му на човекот во доброто, бидејќи тој работи според упатството на твојот Создател и Господар! Никогаш не понижувај го сиромавиот, бидејќи тој ти е мил брат.
Човеку, не омаловажувај ништо од покорноста кон Алах, дури и ако, во твоите очи, е незначително, бидејќи Тој го прима доброто колку трошка и наградува за еден миг на покорноста. Кога ти би можел да ја знаеш вредноста на тоа кај својот Создател и Господар, вистински би се радувал. А никогаш, пак, немој да омаловажуваш ништо од гревот па дури и ако тоа во твоите очи е мало и незначително, бидејќи Господарот твој, навистина, жестоко казнува.
Еднаш присуствувал на еден собир на кој биле собрани старците и младината. Обрнувајќи им се првин на старците, Хасан ги прашал:
– Што му се прави на посеаното кога ќе созрее?
– Со собира со жетва – одговориле тие.
А потоа им се обратил на младите и им рекол:
– Има многу сеидби кои не ја дочекале жетвата поради заразите што ги снашле и поради лошото време што ги уништило!
Овде Хасан заплакал велејќи: „…и Алах им донесува примери на луѓето за да ги поучи.“ (Куран, 14:25)
Човеку, умираш сам, повторно ќе бидеш оживеан сам и сам ќе одговараш за своите дела. Кога сите луѓе би му биле покорни на Возвишениот Алах, а само ти кон Него би грешел, нивната покорност не би ти била од полза! А кога сите луѓе би грешеле, а само ти би му бил покорен, нивното грешење воопшто не би ти наштетило. Човеку, твоето грешење е само твој грев, за кој ќе знаат крвта и телото твое. Ако се зачуваш од гревот, си го спасил телото и крвта твоја, а ако, не дај Боже, бидеш она другото, тогаш ќе знаеш каков е огнот кој не се гаси, телото кое не пропаѓа и душата која не умира.
Човекот ќе биде во добро сé додека е проповедник самиот на себеси, додека мислата ја претвора во дело и додека се сеќава на Возвишениот Алах, потоа себеси ќе се преиспитува и додека Денот на конечната пресметка не му биде единствена грижа. А ќе биде лошо сé додека одолжува со доброто, додека ги задоволува телесните лакомости, додека биде небрежен и додека се занесува со пусти желби.
Забележено е дека Иса (Исус) им рекол на своите другари: „Работете во име на Алах, а не за своите стомаци, бидејќи птиците ниту сеат ниту жнеат, туку стануваат в зори, а единствено снабдување им е она што им го дава Алах. Ако велите дека вашите стомаци се поголеми од нивните гуши, погледнете го дивечот кој, исто така, ниту сее ниту жнее а единствено снабдување му е она што му го дава Алах.“
Оној кој по сабах ќе побара три пати простување на гревовите од Алах, гревовите ќе му бидат простени дури и да е еден од оние кои избегале од бојното поле.
Забележено е дека Алаховиот Пратеник рекол: „Се колнам во Алах, во Рајот ќе влезе само оној што бил милостив.“
Другарите го прашале: „Зар не сме сите ние милостиви, Алахов Пратенику?“ На тоа тој им рекол: „Не е тоа милостивоста на некој од вас кон своето дете или на некој близок, туку сочувство кон сé што има душа.“ Овде Алаховиот Пратеник го кренал гласот.
Омер ибн Хатаб еднаш прашал: „Сакате ли да ви кажам кои се најдобрите, а кои се најлошите луѓе?“ И кога другарите му рекле дека сакаат да го слушнат тоа од него, тој продолжил: „Најдобри се оние луѓе чиј живот е долг а делото е добро, од кои човекот секогаш се надева на добро, а сигурен е од нивното зло. А најлоши се оние чиј живот е долг, а делото е лошо, од кои не се очекуваат никакви добри дела и човекот не е сигурен од нивното зло.“
На човекот му е подобро да научи некое полезно знаење и да постапува според наученото отколку целиот овој свет, кога би го имал, да го жртвува за оној свет.
Обраќајте му се често на срцето, бидејќи срцата брзо се расипуваат. Бидете строги кон себеси, бидејќи човекот е наклонет кон злото и, ако не ги скротите телесните страсти, тоа ќе ве однесе во најголема пропаст.
На прашањето што мисли за заземањето на Пратеникот при судниот ден, Хасан одговорил:
– Заземањето на судниот ден е вистина!
Но, Возвишениот Алах вели: „Ќе посакаат да излезат од огнот, а нема да излезат од него. За нив има казна постојана.“ (Куран, 5:37), го потсетил некој од присутните, па додал:
– Навистина, Пеколот има свои жители кои нема да излегуваат од него, како што вели Возвишениот.
Па што ќе ги внесува и ќе ги изнесува таквите од него? – некој пак запрашал.
– Тие на овој свет направиле гревови за кои Возвишениот Алах ќе ги казни и Тој повторно ќе ги извади од Огнот затоа што во своето срце носеле верување во Него – рекол Хасан.
Луѓе, чувајте ги роднинските врски и не ги прекинувајте, бидејќи Возвишениот Алах вели: „…плашете се од Алах, со Чие име се повикувате, и не ги прекинувајте роднинските врски. Алах, навистина, бдее врз вас!“ (Куран, 5:1)
Најдобриот џихад е да се бориш против своите страсти.
Кој нема да умре ненадејно, ќе се разболи ненадејно. Затоа плашете се од Алах и бидете внимателни да не ве затекне изненадувањето на вашиот Господар!
Благодатите на Возвишениот Алах се толку бројни што не може да Му се заблагодариме без Неговата помош. А човековите гревови се толку бројни што никој без Алаховата помош и прошка не може да се спаси.
Сум го слушнал Бекр ибн Абдилах кога рече: „Алах ќе му се смилува на човекот кој бил силен и својата сила ја употребувал во покорноста кон Возвишениот Алах. Ќе му се смилува и на оној кој бил слаб и се вардел од гревовите.“
Кој лаже, прави разврат (не верува), а кој нема да верува, сигурно ќе оди во Пеколот.
Се пренесува дека Ибн Омер говорел: „Кога човекот ќе излаже, ангелот се оддалечува од него на една милја за да ја избегне смрдеата која се појавува од тоа.“
Сметам дека не е лага кога човекот ја кажува невистината сакајќи му го доброто на својот брат и со желба тој од него да го оттргне злото, или да измири двајца.
Човеку, ги мразиш луѓето поради сомнежот (нивен), а забораваш дека и тебе ти е потребно цврсто уверување.
Синџирите во кои ќе бидат оковани жителите на Пеколот нема да им бидат ставени како јамка околу вратот затоа што тие би можеле да ги онеспособат своите чувари, туку за да можат, кога ќе ги зафати пеколниот пламен, да ги држат приврзани за неговото дно.
Потоа Хасан заплакал и рекол:
– Боже мој, доаѓам кај Тебе од пеколниот огин и од лошото дело што води во него.
Забележано е дека еден побожен на сон го видел својот другар кого го прашал:
– Што е тоа што го пронајде?
– Го најдовме она што самите за себе го подготвивме, а го изгубивме она што сме го оставиле зад себе – одговорил тој. И сега одете сосема свесни и уверени!
Луѓето им препорачувале едните на другите воздржување од овој свет и Зухди им рекол: „Најголемиот зухд е кај оној човек чија трпеливост не ја победува она што е забрането, а она што е дозволено не ја победува неговата благодарност.“
Пренесено ми е дека Ебу Хазим рекол: „Ние не сакаме да умреме додека не се покаеме, а умираме не покајувајќи се. Кој од нас ќе го сретне Возвишениот Алах како насилник кој не се покајал, Тој ќе го фрли во Пеколот, само, колку лошо свратилиште е тоа!“
Еден од учените и добрите луѓе слушнал како луѓето изразуваат секакви желби и побарал и тој да ја каже желбата на своето срце: „Камо среќа да не бевме создадени, а кога сме веќе создадени, камо среќа да не умиравме, а кога умираме, камо среќа да не бидеме оживеани, а кога веќе ќе бидеме оживеани, камо среќа да не одговараме! Кога веќе ќе одговараме, камо среќа да не бидеме казнети и казната да не биде вечна!“
Пред вас луѓето имале понежни срца и повеќе стравувале за својата вера. Меѓутоа, денес вашата вера е послаба, а срцата погруби.
Човекот ќе го напушти гревот ако тој го става во грижа. Каењето е клуч на вистинитото покајание. Да се грижиш за своите гревови (да не се греши) е подобро од некои добри дела.
Вистината е тешка и за неа се решаваат само оние кои се сигурни во добриот крај и кои спознале. А кој се надева на наградата, се плаши од казната.
Сум ги запаметил луѓето на кои им било нудено она што е дозволено, и тие одбиле велејќи: „Не ни треба бидејќи се плашиме да не нé расипе.“
Кој во текот на својот живот не ја лекува својата душа од болеста на гревовите е мошне далеку од тоа да биде излекуван, а сосема блиску до жалоста на овој свет.
Кога би ја поминувал ноќта во обожување на Алах и од тоа би останал згрбавен и кога дење би постел толку што телото ќе ти ослабе, воопшто не би ти користело ако во душата не бидеш побожен.
Никакво доброволно добро не е еднакво на добротата која им ја правиш на своите родители, па ни аџилакот ни џихадот.
Омер ибн ел Хатаб рекол: „Сеќавајте се на Пеколот и дека неговиот оган е жесток, длабочината – голема и столбовите – од железо.“
Селеме ибн Амир раскажува: Го извршивме џума-намазот со Хасан Басри и по намазот се собравме околу него и тој заплака. Го прашавме зошто плаче, а тој заплака уште повеќе:
– А како да не плачам?! Кога на вратата на оваа џамија би дошол некој од другарите на Алаховиот Пратеник кај нас не би распознал ништо од исламот освен оваа наша Кибла , каде се свртуваме во намазот.
Ох, ох! Празните желби го уништија светот. Постои говорот, но не постои делото. Знаењето постои, но трпеливоста не постои. Верувањето постои, но не постои цврстото уверување.
Што е тоа? Ги гледам луѓето, но не го гледам умот, го слушам шумот, но другарот не го гледам. Овие луѓе влегле во верата и излегле (од неа). Знаат што е добро, ама не прават добро. Знаат што е забрането, ама го прават. Верата им е само на јазикот. Ако запрашаш некој од нив дали верува дека за делата ќе плати сметка, тој ти одговара дека верува. Се колнам во Владетелот на судниот ден дека лаже! Бидејќи во убавото воспитание и во својствата на верникот спаѓа: силата покрај верата, одлучноста покрај благоста, благоста со знаењето, умот покрај благото постапување, отменоста во сиромаштијата, умереното поведение во богатство, сомилост кон натажениот, дарежливост на вистинското место и праведност покрај истрајноста.
Верникот нема да му направи насилство ни на оној што го мрази, ниту ќе згреши помагајќи го оној кого го сака. Тој не озборува, не намигнува понижувајќи го другиот, не ги истражува туѓите мани, не зборува во безработица, не ги пренесува туѓите зборови, не го бара она што не е негово, не ја негира вистината макар да се однесува и на него, не ги преминува границите во оправдувањето, не се одмаздува кога некого го погодува несреќа, ниту го весели кога некој ќе згреши.
Верникот во намазот е понизен и натажен и брза што е можно побрзо на Алах да му падне ничкум. Неговите зборови се вистински лек, трпеливоста е неговата побожност, молчењето – вистинско размислување, а неговото размислување – поука. Се дружи со учениот за да научи. Меѓу нив молчи за да не згреши, а кога зборува, зборува за да исползува. Кога верникот ќе направи добро, се весели, а кога ќе згреши, веднаш бара прошка. Кога некој ќе го прекори, тој сепак го бара неговото задоволство. А ако некој го навреди и опцуе, тој се покажува како благ. Кога ќе му биде сторена неправда, се стрпува и постапува праведно. Бара заштита само од Возвишениот Алах и од Него бара помош.
Верникот меѓу луѓето е достоинствен, а во осаменоста му е благодарен на Алах. Задоволен е со нафаката која му е дадена. Постојано се заблагодарува на удобноста и се стрпува во маката. Ако се најде во друштвото на оние кои го заборавиле Возвишениот Алах, тој се сеќава на Алах, а кога е во друштвото на оние кои се сеќаваат на Алах, бара прошка за своите гревови.
Ете, такви биле другарите на Алаховиот Пратеник во текот на целиот свој живот. Такви биле и вашите добри предци. Вашата состојба е сменета затоа што вие сте го смениле вашето постапување кон Возвишениот Алах.
Потоа Хасан проучил: „Алах, навистина, нема да ја измени ситуацијата на еден народ сé додека тој народ не се измени самиот себеси. Ако Алах сака да му нанесе зло на еден народ нема никој што може да му се спротистави. И за нив, освен Аллах, нема друг заштитник!“ (Куран, 13:11). И на крајот додал:
– Наш Создателу и Господару, укажи ја својата милост врз нашиот водач Мухамед и неговиот благороден род, неговите придружници и сите верници! А нас дарувај нé како што си ги дарувал искрените робови и побожните миленици. Ти си семоќен и помагач си во доброто. Алах ни е Доволен. Е, само каков Закрилник е Тој! Благодарение на Алах – Создателот и Господарот на световите!

(Поглавје од книгата: ГО СЛУШАМ ШУМОТ, ПРИЈАТЕЛОТ НЕ ГО ГЛЕДАМ)

Хасан Ел-Басри


Последни текстови:
foto
28.10.2011, Амр Халид
Ајети за понизноста
03.08.2009, Проф. д-р Насер Рамадани
ИСЛАМСКИОТ МОРАЛ
03.08.2009, Проф. д-р Насер Рамадани
ОСНОВИТЕ НА ИСЛАМОТ
08.03.2009, Проф. д-р Насер Рамадани
ЕТИЧКИОТ АСПЕКТ ВО ИСЛАМОТ




 

© МакИслам 2024-2025